БИТОЛА НА ЧЕКОР ДО ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ОД НАД 5 КИЛОМЕТРИ

БИТОЛА НА ЧЕКОР ДО ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ОД НАД 5 КИЛОМЕТРИ

На неполн месец пред почетокот на Европската недела на мобилност, општина Битола е горда што може да најави голем и значаен проект за граѓаните.

На 30-тата седница на Советот на општина Битола, која ќе се одржи во среда на 23 август, на дневен ред ќе се најде Одлуката за  измена на одлуката за согласност и кофинансирање на проектот Smart4you2, средства предвидени за Реконструкција на постоечки тротоари со изградба на велосипедски патеки во должина од 5280 метри.

Со потпишувањето на анексот од страна на Делегацијата на Европската Унија, во кој се дозволува пренамена на средствата од проектот Smart4you2, за реконструкција на тротоарите на улиците Васко Карангелевски и Партизанска, по што соодветно ќе се изведат и велосипедски патеки, Битола ќе добие велосипедски дел во должина од над 5 километри, со една заокружена велосипедска целина. Реконструкцијата ќе се изведе на веќе постоечките тротоари, во ширина од 3 метри, без да се нарушува зелениот појас на улиците.

За овој проект веќе е изработена техничка докумантација, како и основен сообраќаен проект за воведување на велосипедски патеки во централно градско подрачје во Битола, со сите потребни одобренија.

Реконструкција на постоечките тротоари на дел од ул.„Васко Карангелевски“ и ул. „Партизанска”, ќе се одвива на следните делови:

На ул. ”Васко Карангелевски” од десна страна, од кружниот тек кај „Педагошка” до кружен тек кај „Веро”, на дел од ул.„Партизанска“ од десна страна, од крстосницата со ул.„Тодор Паница“ до крстосницата кај „Градско шеталиште“ и од лева страна од кружен тек кај „Веро“ до крстосницата кај „Градско шеталиште“.