ОДРЖАН ФОРУМ НА ТЕМА: „ПАТОКАЗ ЗА ЕКОЛОШКИ ЧИСТА, КАРБОН НЕУТРАЛНА, ОДРЖЛИВА ОПШТИНА И РЕГИОН“

ОДРЖАН ФОРУМ НА ТЕМА: „ПАТОКАЗ ЗА ЕКОЛОШКИ ЧИСТА, КАРБОН НЕУТРАЛНА, ОДРЖЛИВА ОПШТИНА И РЕГИОН“

Во организација на Општина Битола и во соработка со Стопанската Комора на Мал Бизнис во координација со одговорна група за енергетка ефикасност при РЕК Битола, денес се одржа Форумот “Патоказ за еколошки чиста, карбон неутрална, одржлива општина и регион”. Во почетниот дел на форумот на присутните им се обрати градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, која зборуваше за заложбите на локалната самоуправа во правец на енергетската ефикасност, наведувајќи повеќе примери и проекти во оваа насока на кои во моментот се работи.

Основната цел на овој Форум е Финансиско Мапирање на Одржливи Проекти со изработка на Климатски Акционен План што ќе им овозможи на претприемачите и на општините пристап до финансирање од достапните извори на зелен капитал и привлекување на алтернативни зелени инвеститори кои во моментов не се доволно присутни на финансискиот пазар.

Климатскиот Акционен План е специфична стратегија на заедницата за борба против климатските промени и елиминирање на емисиите на фосилни горива – главната причина за глобалното затоплување.

Стратегиите на општините за намалување на загадувањето од емисиите на фосилни горива најчесто вклучуваат зголемување на производство на обновлива енергија (Соларна-фотоволтаици или Био-гас); мерки за енергетска ефикасност во деловни и станбени згради; замена на фосилни горива како гориво во јавниот транспорт и транзиција кон електрифициран транспорт (на пр. електрични возила, автобуси напојувани со електрични батерии или електрични шински возила); како и создавање на повеќе слободни и безбедни површини за пешачење и транспорт со велосипед.

На денешниот форум беше истакнато дека: употребата на енергија е еден од најголемите извори на стакленички гасови кои се емитираат од општински активности, и предизвикува значителни трошоци за буџетот на општините. Со фокусирање на проекти внатре во општините може се зголеми ефикасноста на употреба на енергијата и употреба на обновливи извори на енергија, што ќе доведе до намалување на оперативни трошоци, а, исто така, ќе се постави пример во заедницата за одржлив развој.

Учесници на форумот беа производни и енергетски компании, претставници од локалната самоуправа, општински организации и институции, претставници на донаторски и финансиски организации, организации и засегнати страни инволвирани во подготовка и реализација на проекти за намалување на загадувањето од емисиите од фосилни горива, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.